Околу 45.000 вработени во приватниот сектор добиле повисоки плати во ноември

Речиси 45 илјади лица или девет отсто од вработените граѓани во приватниот сектор добиле повисока плата во месец ноември. Ова е резултат на Законот за субвенционирање на придонесите, вели министерката за труд и социјала Мила Царовска. Работодавачите со оваа мерка се ослободени од плаќање придонеси доколку платата на работниците ја зголемиле од шестотини до шест илјади денари.

„Две милијарди и четиристотини милиони денари се издвоени во буџетот на Министерството за труд и социјална политика за исплата на придонесите кон двата фонда и кон Агенцијата за вработување. Ние очекуваме да ја достигнеме проекцијата која ја кажавме 20% и ако ја надминеме сме подготвени да алоцираме средства“, рече Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика.

Од УЈП во моментот немаа информација која плата најмногу пораснала, дали минималната или пак просечната. Просекот на раст на платите кај оние вработени кои во ноември добија зголемена плата бил 4100 денари.

„Пресметката на износот за субвенционирање на придонесите, односно утврдувањето на износот на зголемувањето на придонесите, како и намалувањето на износот за плаќање се спроведува преку целосно автоматизирана процедура“, рече Сања Лукаревска директорка на УЈП.

Од Организацијата на работодавачи велат дека мерката е добра, но има добар дел од сопствениците на компании кои сметаат дека доколку аплицираат за оваа мерка ќе бидат изиграни од  државата. Надлежните потврдија дека се уште има газди кои по исплатата на плата, на вработените им бараат  назад дел од заработените пари.

„Треба да е будала некој работодавач да ја зголемува платата, на која нема обврска да плаќа придонеси а таа да ја дава на црно. Вадењето пари на црно не е само кршење на Закон за работни односи, туку се кршат и неколку даночни закони, не плаќаат ДДВ, не плаќаат персонален данок. Тие појави мора да ги намалиме на минимум“, рече Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавачи.

Последната пресметка на државната статистика е дека во октомври просечната нето плата била 25 700 денари. Предизборното ветување на власта беше дека на крајот на нивниот мандат во просек вработените во земјава ќе добиваат месечно по 500 евра. Добар дел од експертите и опозицијата и натаму се скептични по ова прашање со образложение дека стопанството не може да издржи вештачки раст на платите.

Коментари

Login

Welcome! Login in to your account

Remember me Lost your password?

Lost Password