На тендерите уште одлучува „најниската цена“

 

Старите навики се посилни од новиот Закон за јавните набавки. Најниската цена и електронската аукција остануваат неприкосновени и во првите месеци од примената на Законот, се вели во последниот извештај на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) од мониторингот на јавните набавки за периодот јануари-јуни 2019 година.

Во овој период констатирано е дека конкуренцијата во јавните набавки во првото полугодие од 2019 година е влошена во однос на претходните две години. Просечниот број понуди на мониторираниот примерок изнесува само 2,74, а во дури 35 % од мониторираните тендери е добиена само една понуда.

„Институциите најчесто не ја наведуваат проценетата вредност на тендерот во огласите за јавни набавки, што е во согласност со новините на Законот. Но, постојат многу  случаи во кои понудените цени се симптоматично блиску до проценетата вредност, која понудувачите инаку не можеле да ја видат во тендерската документација.

Секој четврти тендер (25,8 %) е целосно или делумно поништен. Покрај вообичаените законски основи за поништување, додадена е и можноста тендерот да се поништи според инструкција од Бирото за јавни набавки, а по спроведена управна контрола.

Во првото полугодие од 2019 година, преку нетранспарентна постапка со преговарање без објавување оглас, склучени се договори во вредност од 9,6 милиони евра, што е за 11 % помалку од истиот период лани“.

Анализата на мониторираните постапки за јавни набавки на ЦГК што ги спроведуваат институциите на локално ниво покажува дека овие тендери се спроведуваат како воопшто да го нема и да не важи новиот Закон за јавните набавки. Се забележуваат бројни недостатоци кај локалните тендери, најниската цена и натаму е основен критериум, а е-аукцијата е присутна кај дури 70 % од тендерите иако, кога беа задолжителни, и двете беа критикувани како главни причини за проблемите во јавните набавки. Поништувањето на тендерите не стивнува, а конкуренцијата опаѓа, пишува во анализата на ЦГК.

Мониторингот на јавните набавки се спроведува во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на оваа активност е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста.

Коментари

Login

Welcome! Login in to your account

Remember me Lost your password?

Lost Password