Регулаторна ја намали цената за повторно приклучување на струја и за ново броило

Трошокот за повторен приклучок на струја се намалува за 75%. Со одлуката на Регулаторна потрошувачите кои биле исклучени поради неплатени сметки, за повторен приклучок ќе плаќаат 440 денари, наместо досегашните 1.740 денари. Се укинува и опцијата за експресен повторен приклучок, за што се плаќаше околу 2.500 денари. Според правилата, струјата треба да биде приклучена во најкус можен рок.

“На овој начин, на најранливите категории на потрошувачи, кои што имаат проблем со плаќањето на сметките им овозможуваме своите трошоци за електрична енергија да ги плаќаат и да не се доведуваат во ситуација да даваат непотребно високи средства за повторен приклучок”, вели Марко Бислимовски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.

Со новиот ценовник се намалува и цената за прв приклучок во дистрибутивната мрежа на електрична енергија. За стандардниот приклучок, што чинеше 500 евра, сега ќе се плаќа 370 евра. При тоа, се укинува нестандардниот приклучок за подрачјата каде општините немаа донесено Детален урбанистички план, за што се плаќаше над 2.000 евра.

“Ние повеќе пати апелиравме до општините, особено во западниот дел на Македонија да носат навремено детални урбанистички планови, со цел овие граѓани да може да добијат третман на стандарден приклучок, а не на нестандарден приклучок, како што беше до сега. Но, со новите мрежни правила за дистрибуција, имајќи предвид дека граѓаните не се виновни за инертноста на општините, Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги го зголеми опфатот на домаќинства кои што ќе се стекнат со стандарден приклучок”, изјави Марко Бислимовски, претседател на Регулаторна комисија на енергетика.

Освен ова, намалување од 60% има и на трошоците за одвојување на мерното место, како и за промена од монофазен во трофазен приклучок. За овие услуги од сега ќе се плаќа по 200 евра, наместо претходните 500 евра. Новите цени почнуваат да важат веднаш.

Коментари

Login

Welcome! Login in to your account

Remember me Lost your password?

Lost Password