ХЕ Чебрен ќе почне да се гради годинава

Можностите за поддршка од страна на IFC, дел од групацијата на Светска Банка, за реализација на крупни инфраструктурни проекти во енергетиката и во здравствениот сектор биле разгледувани денеска во Белград на средбата на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за здравство Венко Филипче со  директорот на регионалната канцеларија на Меѓународната финансиска корпорација за Централна и Југоисточна Европа (IFC-International Finance Corporation), Томас Лубек.

Договорено е, како што информира вицепремиерот Анѓушев, за неколку недели да заживее проектот Чебрен.

– Мислам дека овој проект ќе го адаптираме на соодветните пазарни услови кои владеат во моментот и ќе го пуштиме во реализација. Очекувам проектот да заживее во втората половина на оваа година и ќе стане реалност во енергетскиот и водостопанскиот живот на Македонија – изјави Анѓушев.

Според него, хидроелектраната Чебрен ќе се гради со помош на јавно приватно партнерство, во кое ЕЛЕМ ќе биде јавниот партнер, а приватниот партнер ќе се бара во транспарентна тендерска постапка.

– Конкретно стана збор за проекти за јавно-приватно партнерство за хидроелектраната Чебрен, за проекти за управувањето со отпадот, односно еколошките аспекти и производство на енергија од отпад, како и за можноста за јавно-приватно партнерство во здравствениот сектор, концепт што е застапен во развиените земји. Очекуваме во рок од 2-3 недели да пристапиме кон активности со кои ќе го откочиме проектот за изградба на ХЕ Чебрен, значаен проект во поглед на производство на електрична енергија, но и за наводнување и водоснабдување. ХЕ Чебрен планираме да се реализира во форма на јавно-приватно партнерство, каде што јавниот партнер би бил ЕЛЕМ, додека приватен партнер ќе се бара во тендерска транспарентна постпка, каде очекуваме поддршка од IFC. До крајот на годината се надеваме да пристапиме кон реализација на проектот за изгрaдба на хидроелектраната и наскоро Чебрен да биде ставен во функција на енергетскиот систем и водостопанството, потенцираше вицепремиерот по состанокот со IFC.

Томас Лубек, регионален менаџер на ИФЦ за Централна и Источна Европа посочи дека се водени многу практични разговори во поглед на идеите за помош на македонската Влада во реализација на плановите за учество на приватниот сектор во инфраструктурата и здравствената нега.

– Зборувавме за многу практични работи, а особено важно, мошне брзо дојдовме до коренот на проблемите, имајќи ги предвид искуствата на заменик претседателот во приватниот сектор и енергетиката, што ќе ни помогне наскоро да излеземе со конкретни и специфични предлози. Се радуваме што набрзо ќе може да започнеме со сериозна работа – рече Лубек.

На средбата е разговарано и за јавните приватни партнерства во здравството, со цел да се искористи експертизата што ја има ИФЦ.

– Сакаме да ја искористиме експертизата која оваа институција ја има во имплементирањето на јавното приватно партнерсто во многу земји во светот, а се со цел на нашите граѓани да им го направиме здравствениот систем и пристапот до здравствените установи подостапни, да го зголемиме квалитетот на здравствените услуги и на долги патеки да овозможиме соодветен развој на нашиот здравствен систем во целост – изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Коментари

Login

Welcome! Login in to your account

Remember me Lost your password?

Lost Password