Јазбец: Датумот за преговори е политички договор, за кој треба да се лобира и политички

Вашата земја е де факто веќе членка на НАТО. Ова е извонредно достигнување и мора постојано да се истакнува. На есен, реформскиот процес во вашата земја ќе треба да се префрли на “overdrive”. Да не заборавиме дека и првото и второто уште пред три години изгледаа недостижни и многумина не веруваа дека ова навистина ќе се случи, вели во разговор за Наслов, словенечкиот амбасадор во земјава Милан Јазбец. Самиот е поранешен новинар, но и кандидат за претседател на својата земја. Го прашавме како до вистинска, цврста и сериозна дипломатска лиценца за Македонија во меѓународната задница, но без никакви негодувања и условувања.

Јазбец: Република Северна Македонија во изминатите две години постигна значителен напредок како во меѓународните односи така и во внатрешната политика. Односите со соседите беа уредени, во внатрешната политика беа донесени некои важни одлуки и беа одржани серија избори на кои практично немаше никакви забелешки од меѓународните институции и нивните набљудувачи. Ова е најдобрата легитимација и лиценца за вашата земја, во регионот но и пошироко во Европа.

Како актуелен амбасадор на Словенија во Македонија, а претходно во Турција, како го коментирате фактот што и двете држави во кои бевте амбасадор  никако да влезат во Европската Унија. Турција 35 години преговара и сеуште нема влез, на крајот се откажа додека, Македонија 10 пати последователно со позитивни препораки сеуште нема датум за преговори? Каде се  грешките или што се случува?

Јазбец:Се работи за две земји, кои се идентични со оглед на тоа што и двете се кандидати за членство во ЕУ. Сепак, нивниот пат е многу различен и тешко се споредува. Турција е најголем кандидат досега, со многу специфична и исклучително важна геополитичка позиција и историја. Во текот на изминатите години, и ЕУ и Турција можат и треба да направат повеќе, што се однесува до процесот на преговори, но од различни причини очигледно не беше изводливо. ЕУ може да покаже повеќе суптилност и познавање на ситуацијата на почетокот на оваа деценија за Турција.

Северна Македонија е мала земја, слична на Словенија, и лежи во срцето на Балканот. Комбинацијата од надворешни и внатрешни политички причини доведе до отсуство на напредок во минатото. Денес, гледаме дека во изминатите две години земјата покажа голем напредок на патот кон евроатланската интеграција. Ратификацијата на Протоколот за пристапување за членство во НАТО ќе биде завршена до крајот на оваа година. Во есен очекуваме датум за почеток на преговорите со ЕУ. Ова е сегашната состојба на работите, а тоа мора да биде мотив за продолжување на реформскиот процес и подготовка за тоа – човечки ресурси, финансиски, организациски и други.

Според Бадентер уште во далечната 1992 година само две поранешни југословенски републики ги исполнуваа стандардите и критериумите за влез во ЕУ. Тоа беа Словенија и Македонија. Словенија денес е членка, додека Македонија е надвор и од чекалната на Европската унија?!

Јазбец: Има многу причини кои не може да се претстават во неколку реченици. Очигледно, во Северна Македонија –односно, во тоа време во Македонија – не беше можно да се одржи интегративниот импулс и темпо. Во Словенија десет години работевме интензивно, напорно и незапирливо за исполнување на преговарачките заклучоци и договори, што и се исплати. Денес, Словенија е еден од најголемите поддржувачи и застапници на вашата земја на евроатлантскиот пат. Ова е важно денес. Треба да се стори сé што е потребно, како што направивме и ние, за да се започне и заклучи процесот на преговори. Не можам да видам зошто не би било така и во вашиот пример.

Македонија е првата држава по Словенија која пред Хрватска и Србија како и останатите  Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина го потпиша договорот за Стабилизација и асоцијација со ЕУ, и тоа во 2001. Од таа дистанца, денеска повторно ни се случува истото, државите кои беа зад нејзе како Хрватска, е целосна членка на ЕУ и НАТО?

Да се потсетиме помеѓу вас имаше и сеуште постои спор за територијалните води, се мисли со Хрватска а тоа е проблемот со Јадранско Море? Сепак и двете добивте условно членство во ЕУ и НАТО, а Македонија мораше да се откаже од уставното име.

Јазбец: Се разбира, денес не се случува истото. Вашата земја е де факто веќе членка на НАТО. Ова е извонредно достигнување и мора постојано да се истакнува. На есен, реформскиот процес во вашата земја ќе треба да се префрли на “overdrive”. Да не заборавиме дека и првото и второто уште пред три години изгледаа недостижни и многумина не веруваа дека ова навистина ќе се случи.

Прашањето за разграничување помеѓу Словенија и Хрватска беше регулирано со пресудата на арбитражниот суд. Двете земји се членки на ЕУ, Словенија од 2004 година и Хрватска од 2012 година, но не се условни членки. Таква категорија во ЕУ не постои.

Колку е можно да се утврди од голем број дебати, промената на уставното име на вашата земја не влијаеше на промена на идентитетот. Северна Македонија останува земја со многу разновиден и богат мултикултурен и повеќејазичен идентитет. Ова е вашето богатство и предност, двете треба да се сочуваат и во иднина. Дозволете ми да додадам дека Словенија, секогаш ја препознавала вашата земја со нејзиното уставно име.

Ве прашувам како редовен професор по дипломатија. Велат во меѓународното право нема правда, односно владее РЕАЛ ПОЛИТИК?! Значи ли тоа дека помалите држави немат право на глас и на самоопределување и дефинирање, а што е составен дел и главно начело од членот 4 од Повелбата на ООН?

Јазбец: Секако дека меѓународното право постои и функционира. Неговите прекршувања, кои се случуваат во сегашноста, не значат дека законот не постои. Покрај тоа, меѓународното право е најголемиот сојузник на малите земји, како што се нашите две земји. Меѓутоа, секоја политика мора да биде способна да ја избира својата позиција и углед врз основа на законските норми, како и дека меѓународното право треба да се почитува. За жал, ова не е автоматско, не е едноставно, но само така мора да се работи.

Македонија прифати единствени да не речам есклузивни договори во светската политика, дипломатијa и меѓународното право, а кои не сакам да ги коментирам ниту да ги критикувам. Тоа го оставам на политичарите, експертите, историчарите и историјата. Од друга страна некои наши соседи без никакви критериуми и стандарди за влез во асоцијацијата –Европската унија  2006 експресно станаа членки на НАТО и ЕУ. Дали имаме тука двојни стандарди?

Јазбец: Ако заклучам по словенечкиот пример, секоја земја кандидат мора да го преземе европското законодавство (Acquis communitar) и да го внесе ова во своето работење преку процесот на преговори и реформи. Ова е смислата за членство во ЕУ. Меѓутоа, различни земји при ова имаат различен успех дури и во постигнувањето на нивното членство.

Да бидам искрен, јас сум за целосни реформи како во политиката така и во сите сегменти на севкупниот  животот  во државата, а тоа се судството,  јавната администрација,  медиумите и се по ред. Не, од  причина да станеме членка на ЕУ туку заради нас самите! За жал, немаме вистинско јадро од експерти и професионалци кои тоа ќе го спроведат, туку партиски послушници и војници. Дали треба ЕУ да завземе конкретен став по ова прашање.

Јазбец: Во право сте, членството е потребно поради промени на подобро во самата земја. Тоа е исто така и словенечко искуство. Државната администрација во тоа игра исклучително важна улога бидејќи е носител на преговарачкиот процес. Затоа, нејзината компетенција е исклучително важна. Функционирањето на државната администрација е содржината на неколку поглавја, а тоа треба да биде многу, многу добро подготвено и да не се изгуби ниту еден ден.

Германската канцеларка Меркел беше јасна  дека Македонија  да не се надева на датум за преговори со ЕУ  овоа лето! Дали е тоа  сигнал дека работите во државава не се како што треба и дека треба повеќе да се работи?

Јазбец: Зелено светло за започнување на преговарачкиот процесот се очекува оваа година во есен. Сепак, подготовките мора да почнат веднаш. Можам да кажам дека земјата кандидат никогаш не е доволно подготвена. На тоа е потребно да се посвети сто проценти и секој службеник мора да биде свесен за тоа.

 Дали промената на името на Македонија беше договор помеѓу ЕУ, НАТО и актуелната коалиција на власт  за добивање датум за преговори со ЕУ и конкретни бенефити за економските прилики?

Јазбец: Договорот за регулирање на прашањето за името беше билатерално прашање меѓу двете влади. Преку овој договор, го предводеше патот кон НАТО а сега и во ЕУ. Ова е вистинскиот пат, а словенечкото искуство покажува дека членството во евроатлантските интеграции е од корист за земјата но и за општеството.

Дали Македонија треба да се оценува за датум за преговори во пакет со Албанија или сама?

Процесот на преговори е индивудуално прашање за секоја земја-кандидатка. Секоја земја кандидат напредува според своите способности и резултатите што ги постигнува во процесот на преговори се одраз на тоа. Дефиницијата за датумот е политички договор на седницата на Советот на Европа, што значи дека за тоа треба да се лобира и политички.

Дали треба да се одржат предвремени парламентарни избори на есен или до крајот на годината?

Во земјите со парламентарна демократија, парламентарните избори обично се на крајот на мандатот, кој обично е четири години. Секоја друга одлука е прашање на владејачката коалиција и нејзино оценување. Со оглед на фактот дека процесот на преговори со ЕУ се очекува да започне, најдобро е сите сили да се фокусираат на тоа земјата да се подготви за најдобар можен почеток на преговорите. Тоа е најважно.

Европската унија со новите избори во мај 2019 има нов политички амбиент кој е спротивен од претходниот во многу нешта, па и во делот на проширувањата. Има ли шанса Европа да се распадне како идеја или сојуз, како што некогаш го навести и најави поранешниот британски премиер Давид Камерун.

Јазбец: Не постои ниту една причина ЕУ да се распадне. Мислам дека е токму спротивното: во интерес на сите што живееме во ЕУ е просперитетот, мирот и благосостојбата што членството го носи да продолжат и во иднина. Не знам зошто некој би сакал да оди на полошо. Исто и новиот состав на Европскиот парламент е многу проевропски усмерен. Би сакал тука да додадам дека меѓу новите пратеници е и Ирена Јовева која е по потекло македонка и исто така е и словенечки претставник во Европскиот парламент. Сето ова е ЕУ.

 Деновите се слушна една старо-нова идеја земјите од Западен Балкан, меѓу кои се Македонија, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора заедно со Косово да стапат во еден Балкански Сојуз или Балканска унија каде ќе превладуваат безцарински обврски односно економско и политичко помирување, а потоа во ЕУ во Пакет. Дали е на повидок, реинкарнирање на Југославија плус Албанија со менторство на Хрватска, Грција и Словенија?

Јазбец: Мислам дека таквите идеи, ако се појават, се нешто од минатото. Се разбира, многу е важно земјите од Западен Балкан да бидат инфраструктурно меѓусебно по поврзани, отколку што се. На пример, патувањето од Скопје за Сараево трае десет часа со автомобил. За тоа време ќе пристигнете со авион речиси до другата страна на светот. Таквата врска е неопходност на модерниот свет. Сите сакаме да патуваме брзо и лесно, да имаме можност да се јавуваме без роаминг, што е можно помалку време да се изгуби на границите и слично, а за визните ограничувања и да не зборувам. Ваквото уредување доведува побрзо во ЕУ.

Како поранешен претседателски кандидат ве прашувам дали е добро за една држава да има по вертикала власт во сите форми, од градоначалници, Влада, Собрание до Претседател на држава? Колку тоа а добро за демократијата и демократските процеси на една држава?

Јазбец: Ваквата ситуација е пред сè резултат на демократски избори. И ако демократските институции се силни и ако владеењето на правото е ефективно како и сите гранки на власта се независни, тогаш тоа е многу добро. Секој мора да вложи сé што може за тоа да биде така и да придонесе за тоа. Пред сè, младите луѓе не судат само според тоа каде можат да живеат и колку добро ќе живеат. Ова е клучна задача на секој авторитет и секоја политика.

Вашата порака…

Јазбец: Најпрво, ви благодарам многу за поканата за интервју. Како поранешен новинар, секогаш ми е мило да сум во друштвото на седмата сила.

Потоа, ја повторувам големата словенечка поддршка на вашата земја на нејзиниот евроатлантски пат. Заради сево ова, драго ми е што овие години сум словенечки амбасадор тука. Исто така, бидејќи сум почесен државјанин на Штип, каде што некогаш служев воен рок, и затоа што неодамна добив Почесно признание на Рацин за културна дипломатија меѓу нашите земји.

Вашата земја, општество и вашите луѓе долго и добро ги познавам. Имате големи потенцијали кои треба да се развијат и да покажете дека можете да направите многу. Сега сте на најдобрата патека. Важно е медиумите да бидат независни и критични. Колку повеќе ќе станете квалификувани за вашата работа, толку повеќе социјалните и општествените процеси ќе бидат појасни и подобри.

Среќно и секогаш мислете на помладата генерација!

 Слободан Томиќ

Коментари

Login

Welcome! Login in to your account

Remember me Lost your password?

Lost Password