МАНУ ќе бара флексибилност во Договорот за да си го задржи името

Со Договорот помеѓу Македонија и Грција идентитетските прашања и прашањето за јазикот се решени и зацврстени, смета претседателот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Таки Фити.

Тој посочи дека погледите за спорот со Грција МАНУ ги градела во континуитет, од 1992 година. Ставот на академијата бил, рече Фити, дека треба да се прифати име со географска одредница само за меѓународна употреба, дека никој нема право да преговара за македонскиот идентитет и оти не треба да се прифати договор со кој македонскиот јазик и во меѓународна употреба ќе се чита исто како што се чита и на македонски.

– Бевме свесни дека Договорот ќе претставува компромис, дека компромис значи дека ќе се постигне нешто кога двете страни нешто ќе дадат и на двете страни нема нешто да им се допаѓа – рече Фити.

Според него, природно е во МАНУ да има спротиставени ставови, но нагласи дека идентитетските прашања, двете работи јазикот и националноста се решени и зацврстени.

– Тука има прашање што директно ја тангира Академијата за промена и на нејзиното име, како и на други институции. МАНУ ќе изврши пошироки консултации со правниот тим за да се види дали Договорот има пофлексибилни толкувања и да остане името на Академијата. Меѓутоа, ова не ја намалува валидноста дека идентитетските прашања се успешно разрешени – рече претседателот на академијата.

Тој зборуваше и за придобивките кои земјата ќе ги има од НАТО и ЕУ.

– Покрај тоа што Алијансата испорачува сигурност и безбедност истовремено испорачува и економски бенефит, владеењето на правото и сигурноста е добар сигнал за странските инвеститори. Инвестициите влијаат на намалување на невработеноста, трансферот на технологиите, не ја зголемуваат задолженоста на државата итн. Сите статистички показатели покажуваат дека со влегувањето во НАТО во земјите членки странските инвестиции значајно се зголемуваат. Во Естонија, на пример, пред влезот имало 960 милиони евра, а неколку години по влезот овие бројки изнесуваат 3 милијарди – рече Фити.

Според него, ако не сме во ЕУ и НАТО, инвеститорите ќе ја перципираат Македонија како нестабилно подрачје. Тој ги нагласи и очекувањата на домашните фирми кои ќе имаат можност да излезат на пазарот.

Коментари

Login

Welcome! Login in to your account

Remember me Lost your password?

Lost Password