Нема да се заловуваат бездомните кучиња : Затворен Вардариште

Поради појава на заразни заболувања кај бездомните животни и непостапување по дел од утврдените пропусти во работењето констатирани со направената контрола на 19 март годинава, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство изрекоа мерка за затворање на стационарот „Вардариште” со кое стопанисува јавното комунално претпријатие „Комунална хигиена” –  Скопје.

„На сила е и изречена забрана за заловување на бездомни кучиња во рок од 30 дена. Во овој временски период ќе се заловуваат и во стационарот ќе се прифаќаат само кучињата кои каснале човек, односно само по поднесена претставка до Агенцијата. Официјалните ветеринари, наредија и спроведување на мерки за темелна дезинфекција  дезинсекција и дератизација во стационарот во рок од 5 дена пред негово повторно отворање.

АХВ изврши надзор над работењето на стационарот за бездомни животни „Вардариште” на 19 март годинава при што беа констатирани пропусти во работењето. Во дворот на стационарот затекнати беа кучиња излезени од кафезите и животни кои во стационарот влегле однадвор преку оштетената ограда. Со контролата утврдено било и дека не е воспотавена ниту целосна контрола на влезот и излезот во прифатилиштето, а дел од кафезите не ги исполнувале условите за благосостојба и хигиена, односно не биле соодветни за сместување на заловените кучиња. Спротивно на законот,  во стационарот е утврдено присуство на кучиња без мајка, односно животни со несоодветна возраст помали од 6 месеци„ се наведува во соопштението.

Кај дел од заловените животни констатирано е нарушено здравје и присуство на болести и утврдено е дека тие во прифатилиштето се сместени во исти простории со здравите животни, бидејќи не постои посебна просторија – карантин наменета за лечење на болните и за опоравување на животните кај кои се извршени хируршки интервенции. Не работела и комората за одлагање на угинатите животни,  а пред ламелите на кафезите не биле поставени листите за хигиена со информации за тоа кога е извршено чистење и со кои средства се спроведени мерките за дезинфекија, дератизација и дезинсекција.

„За констатираните недоследности на 20 март, издадено е решение со кое се  наложени мерки за отстранување на утврдените недоследности со контролата и наложено е животните кои се заловуваат задолжително да бидат обележани со микрочип или со други видливи средства за идентификација. Заловените животни треба да бидат вратени на местото каде се заловени најдоцна во рок од 30 дена. На ова прифатилиште изречена му е и мерка забрана за  сместување на кучиња помали од 6 месеци без мајки. На 2 овој месец, официјалните ветеринари извршија контролен инспекциски надзор во стационарот „Вардариште” при што е констатирано дека е постапено по наложените корективни мерки. Извршена е делумна санација на оградата,  воведена е контрола за влез и излез во стационарот, ставена е во функција  комората за одлагање на лешевите и воспоставен е карантин за одвојување на болните од здравите животни. Потврдено е водењето  на соодветна евиденција за секое заловено куче, а преземни се и наложените мерки за спроведување на дезинфекција, дезинсекција и дератизација на просториите“, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.

Login

Welcome! Login in to your account

Remember me Lost your password?

Lost Password