Аларм: Морбилите земаат замав

Четири нови случаи на заболени со морбили регистрираа лекарите изминатите три дена. Од нив, двајца пациенти се задржани на болничко лекување на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, односно седуммесечно дете кое не било вакцинирано и 35-годишна пациентка, негувателка во градинката „Весели цветови“ во Општина Кисела Вода. Од Министерството за здравство притоа соопштија дека состојбата на 19-годишниот пациент, кој заболе од морбили и беше во потешка здравствена состојба, сега е подобра. На Клиниката во моментов се хоспитализирани 26 пациенти заболени со морбили. Значително подобрена е и здравствената состојба на детето со церебрална парализа кое беше во потешка состојба, а во постабилна состојба е осум годишното девојче кое има астма и се заразило со морбили. Лошата вест, пак, е дека епидемијата почна да се шири и во внатрешноста на земјава, со регистрирани први случаи на заболени во Велес и во Гевгелија.

Министерот за здравство Венко Филипче за „Независен весник“ најави дека, ако и натаму се јавуваат случаи на заболени во другите градови, и таму ќе биде прогласена епидемија како и во Скопје и ќе биде донесена мерка за градинките со која ќе им се забрани да примаат невакцинирани деца.

„Непочитувањето на препораките за имунизација е дополнителен ризик за ширењето на болеста. За да се заштитат пациентите и за да се спречи ширењето на епидемијата на морбили во Скопје, во сите универзитетски клиники е донесена одлука со која се ограничува посета на пациентите кои лежат на клиниките. Одлуката ќе биде во сила до крајот на епидемијата“, вели Филипче.

Од почетокот на епидемијата со морбили заболеа околу 110, а МРП вакцината ја примија 4.530 граѓани. Здравствените власти посочуваат дека 80 отсто од заболените со мали сипаници периодов ја немале примено МРП вакцината.

Од морбили заболеа и три деца болни од рак од хемато-онколошкиот оддел на Клиниката за детски болести. Едно од децата е нов случај од четвртокот. Од малите сипаници и епидемијата не беа поштедени ниту осум вработени од Клиниката за детски болести, иако сите биле вакцинирани.

 

Login

Welcome! Login in to your account

Remember me Lost your password?

Lost Password